Под слоганот „Своја на своето“, денеска почнува кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“, со барање за правда за жените и девојчињата и повик за поголема вклученост во справувањето со овој проблем од сите сегменти на општеството во текот на целата година, а не само во овие 16 дена.
Глобалната кампања се фокусира на три столба: кренете го гласот, верувај им на лицата кои претрпеле насилство и барајте правда, додека на национално ниво оваа година посебен акцент се става и на економското насилство врз жените и девојчињата, со цел подигнување на свеста за скриените облици на насилство кои често се занемаруваат, но неретко претставуваат вовед во потешки и понасилни форми на злоупотреба.
Националната кампања е заеднички организирана од сите агенции на Обединетите нации во земјата, Делегацијата на Европската Унија, Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасади и бројни институционални и граѓански партнери, потврдувајќи ја широката и обединета посветеност за спречување и справување со насилството врз жените и девојчињата.
– Соочена со растечката загриженост поради зголемениот број пријавени случаи на родово базирано насилство и фемициди во Македонија, кампањата нагласува дека секоја пријава за насилство мора да биде проследена со брза, координирана и насочена кон преживеаната реакција. Се повикува на посилна примена на постојните закони, проширување на услугите за поддршка на преживеаните, ефективни мерки за заштита и поголема одговорност за сторителите. Истовремено, се истакнува значењето на превенцијата преку образование, подигнување на јавната свест и надминување на штетните родови стереотипи, наведуваат организаторите на кампањата.
Годинашната кампања потенцира дека ставањето крај на насилството врз жените и девојчињата е заедничка одговорност што бара дејствување од институциите, заедниците, образовните работници, медиумите, семејствата и младите луѓе.
– Неодамнешните случаи на насилство врз жени во Македонија се болно потсетување дека како општество мора да направиме повеќе. Институциите мора да ги заштитат жртвите и да ги повикуваат сторителите на одговорност, но мораме и да ги промениме ставовите што го нормализираат насилството, ги обвинуваат жртвите или поттикнуваат молк. Насилството врз жените никогаш не е приватна работа. Европската Унија цврсто стои покрај секоја жена и девојче, не само во текот на овие 16 дена активизам, туку секој ден, вели амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас.
Сузан Пенкса, в.д. шефица на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, пак, порачува дека кога жените и девојчињата ќе доживеат насилство, тие треба да знаат каде да побараат помош, како да го пријават насилството и што ќе следува понатаму.
– Кога ќе проговорат, треба да бидат сфатени сериозно и да имаат пристап до поддршката и заштитата што им се потребни. Институциите, граѓанското општество, заедниците и меѓународните партнери имаат своја улога. Работејќи заедно, можеме да ја зајакнеме превенцијата од насилство и да го подобриме пристапот до услуги и правда. Кампањата „16 дена активизам“ ќе заврши. Нашата одговорност за спречување на насилството врз жените и девојчињата нема, вели Пенкса.
За Рита Колумбија, постојана координаторка на Обединетите нации во Скопје, насилството врз жените и девојчињата во земјава не е ниту приватна работа ниту неизбежност. Тоа може да заврши, но само ако одговориме со итноста што ја бара.
– Кампањата „16 дена активизам“ е време искрено да погледнеме што направивме како општество за да ги заштитиме жените и децата од насилство. Ги повикувам сите институции, заедници, семејства и поединци да дејствуваат, да слушаат и да обезбедат ниту една жена или девојче да не остане без заштита. Заедно можеме да ставиме крај на насилството, истакнува Колумбија.
Во текот на наредните 16 дена, низ целата земја ќе се одржат низа јавни настани, дискусии и активности за подигнување на свеста, со цел промовирање на нулта толеранција кон сите форми на насилство.
Кампањата трае од 25 ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, до 10 декември, Денот на човековите права, приклучувајќи се кон глобалното движење за обезбедување секоја жена и девојче да може да живее ослободена од насилство, дискриминација и страв.

