На повеќе од 50 локации денеска продолжува големата акција за чистење на Скопје. Акцијата е дел од редовните активности што се организираат секоја втора недела во месецот, а во неа ќе учествуваат волонтери, јавните претпријатија, градоначалниците на општините, ученици и граѓани.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ги повика скопјани да се приклучат на акцијата, да изберат локација во својата општина и да ги повикаат и соседите да учествуваат.
– Заедно со волонтерите, јавните претпријатија, градоначалниците, учениците и сите што го сакаат Скопје излегуваме на терен. Изберете локација во вашата општина и повикајте некој од соседите да дојде со вас. Да почнеме од паркот каде што си играат нашите деца, од улицата по која секое утро одиме на работа, од маалото што го викаме дома, напиша Ѓорѓиевски на фејсбук.
Тој упати порака дека грижата за чистотата на градот не треба да биде ограничена само на организираните акции, туку да стане секојдневна обврска на граѓаните.
– Заедно да го исчистиме Скопје, а секој ден да го чуваме, порача градоначалникот Ѓорѓиевски.

