Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Тони Јаревски вечерва на гостување на една од националните телевизии се осврна на политичките настапи на СДСM посочувајќи ги политиките на Зоран Заев и Венко Филипче кои оставиле последици врз државата, се вели во соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
„Гледаме дека СДСM и поголем дел од опозицијата се опседнати со некој српски свет, со некои српски влијанија, а тие им ја прават кампањата, пуштаат соопштенија во коишто имаат српски печатни грешки. Уверен сум и верувам дека ќе имаат мирна транзиција на власта во Србија, исто така не верувам дека по промената на власта во Србија ќе го променат името и не верувам каква и да е власт таму нема да има толку катастрофални резултати колку што ги направи СДСM“, рече Јаревски.
Јаревски се осврна на ставовите на опозицијата во однос на бугарските барања и евроинтегративниот процес, посочувајќи ја потребата од почитување на волјата на граѓаните и заштита на националните интереси.
„До ден денес не можеме да сфатиме како можат со таков нихилистички самоубиствен став да одат против сопствената држава, како да не си ја сакаат државата. Ние додека велиме имаме 82% од граѓаните коишто не се сложуваат за прашање за коешто рековме дека ќе направиме се од себе да го образложиме, да најдеме начин да разговараме, да најдеме начин да се надмине истото, и притоа да продолжиме на патот кон Европската Унија. Во меѓувреме, СДСM упорно на секоја прес-конференција бара веднаш да се исполнат барањата на Бугарија, СДСM досега се покажа дека сака исклучиво да прави политички бенефит на сметка на националните интереси“, дециден е Јаревски.

