Национална тркалезна маса за застапување на тема „Посилен глас на бизнисот за реформите“, посветена на унапредување на јавно-приватниот дијалог за Реформската агенда и Планот за раст на Македонија, денеска ќе се одржи во Скопје во организација на Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ), со поддршка на Центарот за интернационално приватно претприемништво – Center for International Private Enterprise (CIPE).
Во рамки на настанот ќе бидат презентирани наодите и резултатите од проектните активности насочени кон зајакнување на управувањето во ССКМ и унапредување на застапувањето засновано на докази. Преку овие активности ќе се истакне важноста на зајакнувањето на капацитетите на ССКМ за поефективно претставување на интересите на бизнис-заедницата и формулирање аргументирани препораки за подобрување на деловното опкружување.
Во рамки на тркалезната маса ќе се одржи панел-дискусија на тема „Партнери за раст: бизнисот и Владата заедно во спроведувањето на Реформската агенда – дигитална и зелена трансформација за конкурентна македонска економија“.
Дискусијата, како што иформираат од ССКМ, ќе ги опфати приоритетите за подобрување на деловната и инвестициската клима, дигитализацијата на јавните услуги, поддршката за малите и средните претпријатија и предизвиците поврзани со зелената трансформација. Посебен акцент ќе биде ставен на можностите за поефикасна соработка меѓу институциите и бизнис-заедницата, со цел реформските приоритети да се претворат во конкретни резултати за компаниите.
Преку оваа иницијатива, ССКМ и CIPE ќе продолжат да ја поддржуваат соработката меѓу јавниот и приватниот сектор и да придонесуваат кон зајакнување на деловното застапување, унапредување на конкурентноста и создавање поповолно деловно опкружување во Македонија.

