Во Собранието денеска седници ќе одржат Комисијата за финансирање и буџет и Законодавно-правната комисија.
Единствена точка на дневниот ред на двете собрански комисии е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, во прво читање.
Со предложеното законско решение се доуредуваат и допрецизираат условите, начинот и постапката за приватизација на градежното земјиште во државна сопственост.
Со Предлог-законот се дополнуваат одредбите кои се однесуваат на корисниците на градежното земјиште кои можат да го приватизираат земјиштето, одредбите кои се однесуваат на начинот на приватизација на градежното земјиште на кое се изградени објекти во етажна сопственост, како и одредбите за начинот на приватизација на градежното земјиште на кое постојат два или повеќе објекти на различни сопственици.
Воедно, се овозможува на етажните сопственици да го приватизираат градежното земјиште во делот што претставува земјиште под зграда согласно податоците од јавната книга за запишување на правата на недвижностите, без да доставуваат геодетски елаборат за нумерички податоци за формирање на градежна парцела.
Исто така се допрецизираат одредбите од постојниот закон во делот кој се однесува на проширување на барањето и утврдување на површината на градежното земјиште од повеќе катастарски парцели кои се предмет на приватизација.
Со предложениот закон повторно се дава можност за поднесување на пријави до Агенцијата за катастар на недвижности за промена на правото на користење на градежното неизградено земјиште за кое не било поднесено барање за приватизација во право на сопственост, во рок од една година од влегувањето во сила на овој закон, како и продолжување на обврската за Агенцијата за катастар на недвижности по службена должност да изврши бришење на сите запишани права на користење на градежно земјиште во рок од 2 години од влегување во сила на овој закон.
Со овој Предлог-закон се усогласува и насловот на Државната комисија за одлучување во управна посапка и постапка од работен однос и инспекциски надзор во втор степен, а воедно се врши и усогласување со уставното име на државата.

