Една од најзначајните и најдолготрајните културни манифестации во Крива Паланка, со четиридецениска традиција, Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски” ја доби годинашната највисока општинска награда „8 Октомври”, што Општина Крива Паланка ја додели по повод Денот на ослободувањето на градот.
Осмооктомвриските награди и признанија беа доделени на свечената академија со која кулминираа празнувањата во чест на градот под Осоговието.
-Секој град ги памети своите историски пресвртници коишто ја одредуваат судбината на неговите луѓе и ја обединуваат целата заедница. За Крива Паланка тоа е токму 8 Октомври, датум во којшто се обединети нашата историја, слобода и гордост, трајно вградени во нашето колективно паметење и достоинството на генерации кои создавале во овој град. Овој ден е срцето на Крива Паланка. Токму на овој датум одбележуваме 82 години слобода во коишто генерации вложувале труд , знаење и љубов. Еден ден, кога нашите наследници ќе застанат на ова место, сакам да бидат горди. Нашите предци ни оставија слобода, а наша должност е на нашите деца да им оставиме град во којшто ќе сакаат да создаваат и да останат, рече во обраќањето пред присутните градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Претседателот и еден од основачите на колонијата, Јордан Михајловски, рече дека наградата ја чувствува како колективен успех и признание за една плејада дејци, уметници кои се дел од нејзиното четиридецениско профилирање, развој и растеж, а посебно задоволство е истата да ја прими токму на денот на ослободувањето на градот.
-Дел од овие дејци веќе не се со нас, а ќе ги спомнам: Петар Мазев, Димитар Стојчевски, Влатко Стефанов, Никола Иванов – Балтон, Јордан Михајловски, на кои се приклучија сегашниот претседател Стефче Ристовски, Глигор Чемерски и вториот претседател на колонијата, Наум Михајловски. Со посебен пиетет ќе го споменам владиката Кирил, кој ја донесе одлуката за основање на колонијата. Оваа колонија има огромен придонес за културното воздигнување на Крива Паланка и секако,за цивилизацискиот подем, а истата,со еден збор, таа е културна легитимација на нашиот град. Со лобирањето на американската сликарка Памела Тол и францускиот сликар, Кло Древен, во едно тешко време за нашата земја, се иницираше она што денес се нарекува културна дипломатија, се тоа е големиот и сеопфатен придонес на колонијата, рече Михајловски, упатувајќи благодарност до градоначалникот Митовски и Комисијата за доделување награди и признанија при Општина Крива Паланка.
Во рамките на колонијата досега се создадени над 500 ликовни дела, содржани во збирките на манастирот и НУ Центар за култура Крива Паланка.
Осмооктомвриско признание за особени постигнувања и придонес за развој и афирмација на општина Крива Паланка за 2026 година му беше доделено на младиот кошаркарски тренер, Виктор Петровски од Кошаркарски клуб Крива Паланка којшто е предводник на сениорската женска екипа која оствари историски успех за Крива Паланка во сезоната 2025/26 освојувајќи ја првата шампионска титула во екипен спорт за клубот и градот, а пред само една седмица, тој стана и најмладиот тренер – освојувач на Супер куп трофејот во женска конкуренција „Драган Василов-Цевка 2026″, со што заедно со управата на клубот ја промовираа на најдобар можен начин општината и испишаа нова спортска историја на градот.
Повеќе спортски работници од карате, пинг-понг, фудбал, добија осмооктомвриски благодарници, како и спортисти, лекари, инженери и стопанственици кои со своето дејствување ја промовираат Крива Паланка и даваат значаен придонес во развојот и афирмацијата на родниот град.
Прославата на Денот на ослободување на Крива Паланка беше заокружена со традиционалната манифестација „Шопска софра“ која ги обедини гостите и пријателите на Крива Паланка во атмосфера исполнета со традиција, музика и автентично паланечко гостопримство.

