Обвинетата лекар-онколог Мери Пешевска призна вина за несовесно лекување кај седум пациенти за случајот онкологија. Нино Васев и другите двајца онколози не чувствуваат вина и ќе докажуваат дека направиле се да ги излечат болните од рак. Пешевска пак во своето признание кажа дека своето корисничко име и лозинка за препишување терапија ги оставила на шалтер за да се препишува побрзо, а болните да не чекаат.
- „Да разбирам за што сум обвинета, сакам да кажам да се извинам според обвинението доколку сум постапила небрежно или невнимателно. И доколку за овие седум пациенти не сум сигурна дека јас сум ја продолжувала иако бил користен мој печат и факсимил. Тој беше оставен на шалтер за се цел побрзо да минуваат пациентите “ рече обвинетата лекар онколог Мери Пешевска.
Нино Васев и тројцата онколози не направиле само пропуст туку криминално несовесно лекувале, рече обвинителката пред судот на почетокот на судскиот процес за погрешно лекуваните пациенти.
- „Здравиот има многу желби, а болниот има само една, а тоа е да оздрави. Болните и нивните семејства имале доверба во обвинетите, верувале дека ќе им биде дадени потребната нега и внемание, дека ќе добијат адекватна терапија и никгоа не помислиле дека нивното здравје ќе биде нарушено. Доказите и актите јасно покажуваат дека Нино Васев како лекар, онколог и физотерапевт свесно и систематски постапувал спротивно на основните начела на медицинската етика што ја регулираат онколошката терапија притоа предизвикувајќи тешко нарушување на здравјето на пациентите“ рече обвинителката.
Ексдиректорот на Онкологија, Нино Васев не чувствува вина за погрешното лекување пациенти за што го товари обвинителството.Рече дека имал многу придонесено во европски и светски рамки за развивање на онколошката терапија и протоколите за онколошките пациенти.

- „После 35 години работа и по околу 1000 пациенти годишно, членство во сите европски институции за изработка на тие протоколи за кои ме обвинуваат, јас сум единствениот Македонец кој има учествувано во подготовка на имуно терапија.. “ рече меѓу другото Васев.
И другите двајца обвинети доктори онколози Симонида Црвенкова и Драган Јакимовски пред судот рекоа дека не чувствуваат вина. Црвенкова рече дека целиот живот го посветила на едукација и лечење болни, а Јакимовски посочи дека него „не го плаши правдата, туку неправдата која некој сакал да му ја нанесе“.
- „Очекувано не можам да преземам вина затоа што е комплетна невистина односно сигурна сум дека јас лично и мојот адвокат дека ќе ги побиеме сите овие невистини кои се изнесени против мене како доктор кој што и не знае друго освен да лечи други… “ рече обвинетата Симонида Црвенкова.
- „Воопшто не се чувствувам виновен за делото кое ми се става на товар затоа што како лекар од 1998 година сум вработен на Клиниката за онкологија и од самиот почеток најавив дека најодговорно ќе ги извршувам моите професионални задачи. Јас не сум луд човек, да остане без работа и децата да останат на улица, и немам апсолутна никаков мотив да уништувам други луѓе“ – рече Драган Јакимовски.
Во судница ќе се изведуваат и вештачењата од Србија и Словенија кои одбранта ги оспори бидејќи не биле направени од вештаци со лиценца. И тие ќе бидат повикани да сведочат во скопкиот кривичен суд.
Уште на старотот на судењето, судечкиот совет не прифати спојување на двата предмети за Онкологија, првиот за погрешната терапија која им се давала на пациентите, а вториот за финансиските злоупотреби. Во двата предмети прво обвинет е Васев.
