Стојанче Јовановски треба да добиe максимална затворска казна, која може да биде до 13 години затвор, оти таквата пресуда ќе биде порака до јавноста дека психичкото и физичкото насилство не смеат да се толерираат.
Одлуката за самоубиство не била според слободната волја на Ивана, туку како резултат на очај и беизлезност, рече обвинителството во завршниот збор трагедијата од 2 март годинава, кога Ивана се самоуби, а заедно со себе во смрт ја однесе и нивната 6-годишна ќерка. Критичниот ден таа не донела слободна и автономна одлука, туку била во психолошки колапс, а перцепцијата ѝ се стеснила на една единствена опција, прекин на состојбата, објасни обвинителката Бојчевиќ.
- „Во моментот на дејствието непосредно пред настанот, Ивана била под влијание на силен афект, страв и чувство на безизлезност, чувство дека нема достапна институционална заштита и убедување дека ситуацијата е нерешлива. Овие фактори укажуваат дека однесувањето е директна последица на претходното семејно насилство и дека нејзината психичката состојба била значително нарушена до степен што ја ограничувала нејзината способност за рационално одлучување односно реална проценка“рече обвинителката.
Максимална казна за Јовановски бара и адвокатот на семејството.

- „Во конкретниот случај, освен индивидуалната казна, од примарно значење, при одмерувањето на казната сметаме дека Судот треба да ја има предвид и генералната превенција, односно воспитното влијание врз другите да не вршат вакви кривични дела – рече адвокатката Чаловска Наумовска.
За адвокатите на Јовановски, доказите се контрадикторни, обвинителството не успеало да докаже дека обвинетиот ја тепал дента на трагедијата, ниту пак насилството ја наведувале Ивана на самоубиство.
Бранителот Митко Солаков, бранител на Стојанче, во завршниот збор рече дека се сомнева дека судот ќе донесе правилна одлука под влијание на јавноста и на медиумите.Според него глумење и чиста фантазија било тоа дека Саздов бил пријател на Ивана.
- „Јас не сакам да бидам будала пред овој суд и да истакнувам за невиноста на Стојанче за точка 1 и 2 од обвинението. Има материјални и вербални докази за неговата суровост кон жртвата. Но, не можеме само да го црниме Стојанче. Има една бела точка, тоа е љубовниот триаголник, кој во овој случај е лицето Мартин Саздов, сведокот, кој глумеше лудило пред овој суд, а мислам дека Обвинителството требаше паралелно и него да го обвини и кој имаше значителен придонес за точка 3 од обвинението…“рече Митко Солаков – Адвокат на Стојанче Јовановски.
Самиот обвинет Стојанче Јовановски ги отфрли обвинувањата, припишувајќи ја вината на други лица и тврдејќи дека сведоците сакаат да го оцрнат.
- „Не сум ја поттикнувал, ниту сум ја охрабрувал, ниту сум можел да го предвидам исходот, бидејќи не сум бил свесен дека оваа трагедија некогаш може да се случи… Сметам дека оваа трагедија не е предизвикана од моја страна…Не сум се однесувал нечовечки и сурово кон мојата сопруга, со намера да ја доведам до овој трагичен исход“ рече Јовановски.
Ивана заедно со 6-годишната Катја починаа на лице место по пад од тераса на 2-ри март годинава. Судијата Ивица Стефановски ќе ја изрече пресудата на 7 мај.
