Со две столчиња и два душека, приватен факултет функционирал во спортска обложувалница. Тој е еден од затворените 14 таканаречени приватни високообразовни институти последниов период. Состојбите со високо образование во моментов се аларматни и предивдените законски измени треба да воведат ред во овој сектор..
-Најбруталниот пример беше кога комисијата од МОН отиде да направи увид на еден институт, тој беше регистриран во кладилница, во задната просторија на кладилницата, каде што институтот требаше да ги обавува своите функции, на две столчиња и два душека. И тој беше веднаш затворен, а вработени беа двајца луѓе и беше прекршен законот, изјави министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
Со новиот предлог закон ќе се заостри и добивањето на академските звања, доктор на науки нема да може да биде човек кој не објавил најмалку 3 стручни трудови, односно еден при магистратура, а два при докторатот.

Дека новиот закон за високо образование е и повеќе од неопходен смета и премиерот Христијан Мицкоски. Вели моменталното законско решение е катастрофално, па поради тоа и не треба да не чуди што нашиот најстар и најдобар унивезитет УКИМ, се наоѓа од 2.500-тото место на Шангајската листа.
-Од година во година тонеме. И тоа е резултат на оној катастрофален закон донесен во 2017-та, 2018-та година, би рекол кој што директно го уништи високото образование во Македонија. Оној кој што сака да се занимава со наука и со високо образование, треба да се занимава со тоа, а не тоа да му е хоби. Кај некои од моите колеги за жал тоа му е хоби, изјави Мицкоски.
Предлог законот за високо образование до утре вечер ќе биде на ЕНЕР и сите оние кои имаат некакви забелешки ќе можат да ги кажат. Во понеделник влегува во владина процедура, по што треба да биди испратен во Собранието, со што конечно треба да се стави ред во оваа сфера.
Матеја Петровски
