– Единицата за брзо распоредување (ЕБР) денеска во Битола одбележа 25 години од своето формирање, јубилеј посветен на четврт век служба во функција на безбедноста на граѓаните и државата. На свеченоста пред Офицерскиот дом беа истакнати улогата на единицата во безбедносниот систем, нејзиниот развој од формирањето во 2001 година до денес, како и заложбите за натамошна модернизација, опремување и професионално усовршување на припадниците.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски оцени дека ЕБР денес претставува еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем на државата, нагласувајќи дека единицата има клучна улога во справувањето со најсложените безбедносни предизвици.

– Денес ЕБР е многу повеќе од организациска единица во рамките на Министерството за внатрешни работи и Бирото за јавна безбедност. ЕБР е еден од најважните оперативни сегменти на македонската полиција и еден од столбовите на безбедносниот систем на државата. Кога ситуацијата бара брза реакција, високо ниво на подготвеност, дисциплина, координација и професионалност, припадниците на оваа единица се таму каде што се најпотребни. Во сложени полициски операции, во поддршка на други организациски единици, при обезбедување лица и објекти, при нарушувања на јавниот ред и мир од поголем обем, во ситуации во кои се потребни значителни полициски капацитети, но и секогаш кога граѓаните и државата се соочуваат со предизвици што бараат брза, организирана и професионална реакција – истакна Тошковски.


Осврнувајќи се на идниот развој на полицијата и безбедносните предизвици, министерот потенцираше дека организираниот криминал и современите ризици бараат нов пристап, модерна опрема и врвно обучен кадар.
– Безбедносните предизвици денес се многу поразлични од оние пред дваесет и повеќе години. Организираниот криминал постојано се менува. Криминалните структури стануваат сѐ помобилни и пософистицирани. Современите безбедносни ризици бараат побрза размена на информации, подобра координација, современа технологија, специјализирана опрема и, пред сѐ, врвно обучени луѓе. Затоа не можеме полицијата на иднината да ја градиме со методите од минатото. Нашата цел е јасна: модерна, професионална, добро опремена и мотивирана македонска полиција, способна да одговори на сите предизвици на современото време – рече Тошковски.

Командантот на ЕБР, Стојанче Николов, нагласи дека јубилејот е повод за гордост, но и потсетник на одговорноста што ја носат генерациите припадници на единицата.
– Одбележуваме 25 години од формирањето на нашата единица. Дваесет и пет години во кои се менуваа генерациите, се менуваа условите во кои работиме, опремата, тактиките и безбедносните предизвици, но едно остана непроменето. Посветеноста на припадниците на ЕБР да одговорат на задачата секогаш кога тоа ќе биде побарано од нив, во служба на граѓаните, полицијата и државата. Затоа денес не одбележуваме само една годишнина. Одбележуваме четврт век единство, пожртвуваност, дисциплина, професионалност и служба. Одбележуваме 25 години Единица за брзо распоредување.

Тој потсети дека ЕБР низ годините прераснала во една од најподготвените и најангажирани оперативни единици во рамки на македонската полиција, посочувајќи дека зад секоја успешно реализирана задача стојат луѓето кои секојдневно ја градат единицата.

– За еден командант нема поголема чест од тоа да предводи луѓе на кои може да им верува кога е најтешко. А за мене претставува особена чест и привилегија што токму во годината кога единицата одбележува четврт век постоење ја имам одговорноста да бидам нејзин командант. Тоа не го доживувам само како функција. Го доживувам како обврска кон секој од вас, кон сите што ја носеле оваа униформа пред нас и кон оние што ќе дојдат по нас. Единицата што ја наследивме да ја оставиме уште подобра, попрофесионална и посилна. Затоа што ниту еден командант сам не ја создава ЕБР. ЕБР ја создаваат нејзините луѓе. Ја создавале сите генерации што поминале низ нејзините редови во изминатите 25 години. И секој од нив оставил дел од себе во она што единицата го прославува денес – нагласи Николов.
Во рамки на одбележувањето беше изведена и тактичко-показна вежба во која припадниците на ЕБР ги презентираа своите способности и оперативна подготвеност, а посетителите имаа можност да ја разгледаат и изложената специјализирана опрема што ја користи единицата.

По повод јубилејот беа доделени благодарници и плакети. За најдобар припадник на ЕБР во изминатата година беше прогласен Драган Атанасов, кој доби благодарница за постигнатите резултати. Плакета му беше врачена и на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, од страна на директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев. Плакети за придонес во поддршката и унапредувањето на проектите на ЕБР добија и Ристо Ставревски, шеф на кабинет на министерот за внатрешни работи, Ѓорѓи Божинов, шеф на кабинет на директорот на Бирото за јавна безбедност, и Васко Наумовски, началник на Одделот за специјални полициски операции. Вкупно 33 припадници на единицата добија плакети за 25 години дел од ЕБР.
Видеото може да го погледнете на следниот линк:

