Новата учебна 2026/2027 година во Куманово започна со 12.988 ученици во основното и средното образование, што е за 68 ученици повеќе во споредба со минатата учебна година. Годинава во прво одделение се запишани 898 првачиња, шест помалку од минатата година, додека во прва година во средните училишта се запишани 1.098 ученици, односно 60 повеќе од минатата учебна година. Денеска во централното училиште „Браќа Миладиновци“ се одржа свечен прием за првоодделнците.
Градоначалникот на Општина Куманово, Максим Димитриевски, оценува дека Куманово е меѓу ретките општини во кои вкупниот број на ученици бележи зголемување, иако во дел од генерациите се забележува намалување на бројот на деца.

-Денеска имаме вкупно 898 првачиња или шест помалку од минатата учебна година, но во средните училишта во прва година тргнуваат 1.098 ученици, односно 60 ученици повеќе од минатата година. Вкупниот број на ученици во Куманово оваа година е 12.988, што е за 68 ученици повеќе- посочи Димитриевски.


Оптимизацијата на училишната мрежа што ја спроведува Министерството за образование и наука ќе доведе до намалување на бројот на паралелки, но за оваа учебна година во Куманово нема да биде затворено ниту едно училиште. Демографскиот пад најсилно се чувствува во помалите населени места. Дел од училиштата немаат запишано првачиња, но тоа не значи дека престануваат да функционираат. Таков е примерот со подрачното училиште во село Речица, во состав на ООУ „11 Октомври“, каде што годинава нема запишано првачиња. Сепак, од Министерството е одобрена комбинирана настава за ученици од второ и трето одделение, со што училиштето продолжува да работи.
Оптимизацијата значи дека предност ќе имаат наставниците и професорите со договори на неопределено време, додека ангажманите на определено ќе зависат од потребите и бројот на паралелки. Димитриевски најави дека општината ќе се обиде при замени за пензионирани наставници да даде предност на лица кои веќе имаат искуство во воспитно-образовниот процес.

Подобрувањето на условите за настава останува една од главните задачи на локалната власт. Во изминатите осум години, според Димитриевски, околу 70 проценти од училишните капацитети во Куманово биле делумно или целосно реконструирани.
Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование во Општина Куманово, изјави дека оваа година успеале да го задржат функционирањето на училиштата и покрај процесот на оптимизација. Јовановиќ објасни дека во Куманово има промена на демографската структура и миграција на населението од еден во друг дел од градот, што создава одреден дисбаланс меѓу училиштата.

-Генерално се почитува реонизацијата, а општинскиот и државниот просветен инспекторат треба да го проверат сето тоа. Родителите имаат обврска, доколку имаат престој, да го докажат со адресата на живеење и да го запишат детето во училиштето во кое припаѓа според реонот- изјави Јовановиќ.
За разлика од основното образование, кај средношколците годинава се бележи поизразено зголемување. Во прва година се запишани 1.098 ученици, што е за 60 повеќе од минатата година. Јовановиќ вели дека ова се првични бројки, а конечните податоци ќе бидат дополнително обработени. Посебно внимание има интересот за дуалните паралелки, кои овозможуваат учениците да стекнуваат практични знаења и искуства паралелно со средното образование. Во бројката се опфатени и учениците кои се запишуваат во државното средно училиште „Киро Бурназ“, кое иако е државно училиште, има значајна улога за образовниот систем на Куманово и за соседните општини, како Липково, Старо Нагоричане и Ранковце.

Директорката на „Браќа Миладиновци“ Јасмина Спасовска посочува дека инвестициите не се ограничуваат само на фасадата. Реконструирано е и подрачно училиште, иструрените обејкти се гасифицирани.Подготвени се и проекти за санација на подовите и училишните тоалети во централната зграда, за кои училиштето очекува нови можности за финансирање.
-Училиштето годинава запиша 120 првачиња, најмногу меѓу основните училишта во Куманово, а вкупно има 1.284 ученици- вели Спасовска

Спасовска го посочува и примерот со подрачното училиште во село Пчиња, кое е целосно санирано со средства од Општина Куманово. Таму наставата се одвива во една смена, а училиштето има околу 65 ученици. Во ООУ „Браќа Миладиновци“ функционира Центар за поддршка на учењето за ученици со потешкотии во учењето. Според директорката, бројот на ученици на кои им е потребна поддршка се зголемува. Дефектолозите во училиштето опслужуваат 47 ученици од 17 општински основни училишта.
