Реклама
Македонија

Мицкоски: Tрагедијата во Kочани е еден од настаните во историјата на нашата држава што не се мери со време, туку со болката што ја остава зад себе

Црни костуми, црни вратоврски… и тишина што зборува повеќе од зборови.Една година…

Сподели:
Фото: Алфа Вести

Црни костуми, црни вратоврски… и тишина што зборува повеќе од зборови.Една година по пожарот во Кочани – трагедијата што ја зави Македонија во црно.

Денеска на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, државниот врв, лекари и меѓународни партнери се собраа да оддадат почит на загинатите и да извлечат поука од трагедијата што засекогаш ќе остане во колективното сеќавање на државата.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека трагедијата не може да се мери со време, туку со болката што ја остави зад себе. Потсети дека една трагедија никогаш не завршува со денот кога се случила, затоа што за семејствата загубата продолжува секој ден. Вели за него тоа бил најтешкиот ден во неговиот живот.

Реклама

Само 8 месеци, од моето управување со државата се случи да се плати сметката за еден девастиран систем кој беше уништуват со децении. Денот на несреќата не беше само  најтешкиот мој ден како премиер, туку тоа беше најтешкиот ден во мојот живот како човек. Кој е виновен за сето ова? И јас го поставувам ова прашање и на ова мора да даде одговор не некаков преки суд, не јавноста туу обвинителството и судовите. Но воедно мора да говориме и за вината во креирањето на тој систем кој потфрли, каде со децении и години се креира тоа диво месо кое стигна до нашите најмили.Луѓето чии животи згаснаа не се бројка, туку судбини. Личности. – рече Мицкоски.

Во знак на почит, премиерот ги прочита имињата на сите загинати во пожарот во клубот „Пулс“. Порача дека тие не се бројки во статистика, туку луѓе со свои животи, семејства и соништа – трагично прекинати во една ноќ.

Токму затоа, нагласи, обврската на државата не е само да се сеќава, туку и да учи од трагедиите и да создаде систем што ќе биде посилен и побезбеден.

Една трагедија никогаш не завршува со денот кога се случила.За семејствата, таа продолжува секој ден. Таа продолжува во празните столови на трпезата.Во тишината во домот. Во секое утро кога човек се буди со споменот на најтешката загуба. Затоа, од првиот ден, владата донесе јасна одлука: државата нема да биде присутна само во моментот на трагедијата.Државата ќе биде присутна и во годините што следуваат. – рече премиерот.

Но трагедијата остави и друга трага – трага на солидарност.Во најтешките часови, медицинските тимови како што велат надлежните работеа без прекин, крводарителските центри беа исполнети со граѓани, а помошта пристигнуваше од сите страни. Министерот за здравство Азир Алиу потсети дека во деновите по пожарот, здравствениот систем функционирал под огромен притисок.

Особено важно беше да разбереме дека последиците од една ваква трагедија не завршуваат со физичките повреди. Тие оставаат длабоки психолошки траги кај повредените, кај нивните семејства, но и кај целата заедница. Затоа, психолошката и психо-социјалната поддршка ја третиравме како составен дел од здравствениот одговор. Искуството од Кочани истовремено отвори и потреба од дополнително јакнење на капацитетите на нашите медицински тимови. Преку соработка, размена на искуства и обуки во странство, мора да продолжиме да го зајакнуваме знаењето и подготвеноста за третман на тешки изгореници, масовни несреќи и долготрајна рехабилитација, посочи Алиу.

Во исто време, над 115 тешко повредени пациенти биле транспортирани на лекување во болници низ Европа.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски посочи дека трагедијата во Кочани ја разбудила и најсилната меѓународна солидарност.

Тој ден, кога сирените на возилата на брзата помош ја пресекуваа тишината и тагата, за мене како министер за надворешни работи и надворешна трговија искрата на охрабрување беше подадената рака и понудената помош од моите колеги – министрите за надворешни работи од пријателските земји. Во тие тешки денови се покажа и вистинската сила на дипломатијата и меѓународната солидарност. Благодарение на брзата комуникација со нашите партнери, активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита и подготвеноста на многу држави да помогнат, нашите пациенти добија медицинска грижа во болници ширум Европа. – посочи Муцунски.

Благодарение на брзата комуникација со партнерските земји и активирањето на Европскиот механизам за цивилна заштита, повредените добија медицинска грижа во болници низ Европа. За многумина од нив – тоа значеше нова шанса за живот, истакна Муцунски.

Во пожарот во Кочани згаснаа 63 млади животи, настан кој засекогаш ќе остане врежан во историјата на Македонија.