Европа е нашиот единствен пат, но пазар со македонскиот идентитет нема да има. На Денот на Европа, премиерот Христијан Мицкоски испрати силна порака дека Македонија нема друга шанса за успех, освен интеграција во ЕУ, но нагласи дека на тој пат нема да се газат достоинството и македонскиот идентитет. Премиерот вели дека треба да се разговара за решенија, но истовремено и нагласува дека неправдите и двојните стандарди создаваат длабока фрустрација кај граѓаните, особено кога, како што рече, принципите не важат еднакво за сите држави.
-Пазар со идентитетот, пазар со нашето достоинство во замена за какви било лични или политички придобивки, какви што имало во нашата понова историја, никогаш нема да правам. Ниту ми паднало на ум такво нешто. Оваа моја позиција им пречи на неколкумина, но и тие знаат дека честа нема цена и дека никогаш нема да нанесам каква било штета на нашата заедничка татковина, изјави Мицкоски.
Евроамбасадорот Михалис Рокас упати порака дека местото на Македонија е во големото европско семејство. Споделувајќи ја пораката не претседателот на Европската комисија упатена до државава, кажа дека проширена Европска Унија значи поголема геополитичка отпорност, засилена енергетска независност, подобрена безбедност, но и поголема тежина на нашите заеднички вредности во турбулентните конфликти.

-Имав чест утрово да споделам порака од претседателот Кошта, кој што ја упати оваа порака на граѓаните на државата и ја повика државата Македонија, како идна земја членка на ЕУ, тој прати силна порака за обединетост, за решеност, изјави Рокас
На 81 годишнината од победата над фашизмот Мицкоски порача дека Македонија била на вистинската страна. Според него не смееме да дозволиме подвигот на илјадниците борци кои ги положија своите живот за слободата, која денес ја живееме да биде заборавен или релативизиран. Упати порака до сите во државата дека потребно обединување во заштита на националните интереси.
-Како народ отсекогаш сме знаеле дека силата е во заедништвото. Во нашата историја имало моменти кога сме биле делени, разочарани и оттурнати. Но секогаш кога сме биле обединети околу државата, околу народот и околу иднината – сме победувале. Денес ни е потребно токму тоа. Обединување. Не обединување во стравот, туку во надежта. Не во омразата, туку во визијата. Не во поделбите, туку во заедничката борба за подобар живот, посилна економија, праведно општество и држава во која младите ќе сакаат да останат, изјави Мицкоски.
Според премиерот Мицкоски борбата денес не е со оружје, туку е борба за знаење, за за развој за институциите и за достоинствен живот. Вели дека политиката на оваа Влада се темели на четири столба со главна цел борба против сиромаштијата, корупцијата неправдата и безнадежноста, потенцирајќи дека во таа борба мора да се добие со истата решителност со која нашите предци ја бранеа слободата.
Матеја Петровски
