Различностите да бидат мост, а не пречка, порачува во честитката за празникот Курбан Бајрам македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. Таа нагласува дека Курбан Бајрам ги носи вредностите на човечност, солидарност и заемно почитување, неопходни за посилно и пообединето општество.
„Во свет обременет со неизвесност, недоверба, отуѓеност и ослабено чувство на заедничка припадност, големите празници имаат силна духовна димензија и моќ“, се вели во честитката од претседателката.
Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во својата честитка до верниците и нивните семејства упати желби за добро здравје, мир, спокој и благосостојба во секој дом.

„Курбан Бајрам нѐ потсетува на вредностите на солидарноста, човечноста, меѓусебната почит и грижата за ближните. Во духот на празникот, да продолжиме заеднички да градиме општество на разбирање, единство и почитување, каде различностите се наша сила, а заедништвото наша иднина“, порача Христијан Мицкоски.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, во честитката до граѓаните од исламска вероисповед и нивните семејства пренесе желби за здравје, мир, спокој и благосостојба.
