Билатералните прашања не се дел од преговарачиот процес, ама мора да си ги решите ако сакате да бидете дел од Европската Унија. Изговорот што повеќе од 20 години го слуша Македонија, сега почнува да одѕвонува и во Црна Гора. Еврокомесарката за проширување Марта Кос истакна дека Загреб има свои интереси, па поради тоа Подгорица не може да го потпише пристапниот договор се додека не го реши проблемот.
-Ако сакаме да продолжиме напред во овој процес во Брисел, ни треба зелено светло од сите 27 земји-членки. Хрватска има свои интереси и Хрватска отворено зборува за тоа. Многу сум среќна што Црна Гора презеде чекори во последните денови и што постои дијалог меѓу Хрватска и Црна Гора. Мислам дека сте на вистинскиот пат за решавање на овие билатерални прашања. Овие билатерални прашања не се дел од процесот на преговори, но поради сè што објаснив, тие мора да се решат, кажа Марта Кос.
Говорејќи за можноста хрватските барања да станат услови на Брисел, вели дека има разлика помеѓу техничкиот дел во преговорите и политичката поддршка од членките. Според упатените ова не би требало во овие моменти да значи многу за Македонија, но може да биде причина за промени во процесот на пристапување и избегнување на нелогичните вета.
-Ова за нас би рекол значи многу малку, меѓутоа е дополнителен поттик за оние промени кои Европската Комисија ги предлага за промена на процесот на пристапувањето, да се напушти едногласноста во отворањето и затворањето на кластерите, така да можеби би помогнало тоа за нашата приказна во следниот период, каде што многу повеќе ќе се дискутира на овие прашања, вели за Алфа извршниот директор на Еуротинк, Димитар Николовски.
Според него, Црна Гора е во предност во однос на Македонија, бидејќи индиректното хрватско вето не беше испорачано на почетокот од преговорите и не им е дел во преговарачката рамка, како што е нашиот случај.
-Разликата е тоа што кај нас влегоа билатералните прашања во преговарачката рамка, додека овие моментални прашања за Црна Гора, не се дел од преговарачката рамка, би рекол дека ова е една надежна изјава на Марта Кос, која не значи дека Хрватска нема да стави вето и во следниот период, некаде во процеост на пристапувањето на Црна Гора кон Европската Унија, вели Николовски.
Сличности меѓу Македонија и Црна Гора има и во пораките дека се лидери во евроинтегративниот процес, дека треба да продолжат со ова темпо и мотивација. Истите пораки ги добиваше и државава уште од 2005-та година, но сепак билатералните прашања останаа дводецениска блокада.
Матеја Петровски

