Финансиска штета во вредност од 178 илјади евра. Поранешниот генерален директор на „Македонски пошти“ и екс функционер на СДСМ, Јани Макрадули, заработи кривична пријава од Финансиската полиција поради сомневања дека ја злоупотребил службената положба. Макрадули е осомничен дека како директор одбивал да исплати долг од 313 илјади евра на две фирми, а со тоа преку судска постапка, Македонски пошти, сега мора да го плати долгот со камата од дополнителни 10 милиони денари.
И покрај тоа што му биле доставени потребните документи за исплата, пријавениот не ја потпишал спогодбата за исплата на долгот, не ги потврдил фактурите и не ги потпишал налозите за плаќање. Со ваквото постапување овозможил против друштвото да бидат поведени судски постапки, по што со судски пресуди биле утврдени обврски за плаќање казнена камата, соопштуваат од Финансиската полиција.
Макрадули седна во директорската фотелја на националната пошта во ноември 2020 година. Неговиот мандат траеше две години и беше исполнет со сериозни финансиски проблеми и незадоволство кај вработените.
За време на неговото раководење, вработените со месеци алармираа за лоши услови за работа, оштетена опрема, недостиг од основни средства за работа. Во неговиот мандат, Синдикатот на Македонска пошта стапи и во генерален штрајк поради неисплатени и задоцнети плати.
Тој стана директор во периодот кога пропадна „Еуростандард банка“, по што националната пошта го изгуби договорот за вршење на платниот промет.
Освен за Макрадули, финансиската полиција има поднесено кривични пријави и за уште двајца други генерални директори на Пошта. Тие се осомничени за несовесно работење бидејќи во 2023 година дозволиле набавки без тендер во вредност од 56 илјади евра, иако законскиот лимит за нив бил 24.000 евра. Со надминувањето на дозволениот праг, двајцата екс-директори направиле директна штета во буџетот на претпријатието.

