По 35 години независност, Македонија мора да се води од асномскиот завет- Каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме, порача претседателката Гордана Сиљановска Давкова, на панел дискусијата „Осми септември низ призмата на неговите непосредни учесници и сведоци“ организирана од нејзина страна. Според претседателката благодарение на умерени и умни лидери, кои сме ги имале пред три и пол децении, во период на војна, Македонија дошла до независност. Вели дека градењето на стабилна и силна држава е долготраен процес, а не нешто што може да се направи за денови или месеци.
-Може за шест дена да скицирате Устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат 60 години да изградите функционална демократија. Значи таа не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење функционални институции, со одбрана и заштита на човековите слободи и права, изјави Сиљановска Давкова.
На панел дискусијата говореа пратеници од првиот состав на Собранието, кои беа директни сведоци на првите денови од независноста на Македонија. Ламбе Арнаудов, тогашен народен преставник од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека осми септември бил ден на голема победа, кога македонскиот народ со незавиноста успеал да ја ослободи од заробеништво својата надеж.
-Оваа битка ја доби народот, народот граѓанинот македонски ја доби со својот дипломски испит, не со 10ка, туку со чиста 12ка. И кога народ победува, победници се сите, а поразени нема. Она што се случи на осми септември е брилијантен настан за сите граѓани на Република Македонија и со тоа на сите им кажавме рацете понастрана од Македонија, изјави Арнаудов.
Петар Гошев, еден од основачите и лидер на Сојузот на комунистите на Макеонија- Партија за демократска преобразба, сегашна СДСМ пак ги нарече будали оние кои довеле до распад на СФРЈ. Според него кога нешто шкрипело меѓу народите, паметните луѓе ги преуредувале работите, додека другите довеле до она што било пред 35 години. Според него доколку не била Југославија не би била ниту Македонија.
-Во 91-ва година победија будалите во Југославија, ги прекинаа врските на една земја која што беше моќна. Ова не сакам да звучи сега не знам носталгично, далеку од тоа, секогаш била идејата за самостојна држава на Република Македонија, но сите млади генрации треба да знаат дека без Југославија, Македонија не би била, изјави Гошев.
Насер Зибери говореше за улогата на албанскиот политички фактор во државава, велејќи дека Албанците биле меѓу првите кои сакале независна Македонија, бидејќи ја гледале состојбата во која се наоѓа СФРЈ, но уште тогаш барале рамноправен статус со Македонците.
-Сакавме да имаме јасна слика во каква правна, уставно правна рамка ќе се најдеме, за да можеме и активно да учествуваме во градењето на таа земја. И како резултат на тоа, ние пред реферндумот на Собранието му понудивме изјаснување за Декларација за рамноправен статус на Албанците во Македонија, изјави Зибери.
По повод 35 години од независноста, Сиљановска Давкова заедно со министерката за образование Весна Јаневска, во нејзинито кабинет денеска ги прими и талентарите ученици и нивните ментори, кои во минатата учебна година учествувале на меѓународно научни олимпијади и натпревари. Дел од нив се закитиле и медали, награди и признанија.
Матеја Петровски

