Случајот со бруталното врсничко насилство во скопската општина Аеродром, кој ја вознемири јавноста по објавувањето на снимките на социјалните мрежи, доби и официјална потврда од Министерството за внатрешни работи.
Од МВР соопштија дека на 1 јули во 19:30 часот, 31-годишна жена во СВР Скопје пријавила дека нејзината 12-годишна ќерка претходната вечер, околу 22 часот, во парк во општина Аеродром била физички нападната од 14-годишна малолетничка. Според пријавата, осомничената била заедно со друга малолетничка, а претходно во два наврати ја натерале 12-годишната девојка да клекне на колена и да се извинува. Кога девојчето се обидело да си замине, било физички нападнато од друга малолетничка, додека целиот настан бил сниман со мобилни телефони од повеќе присутни малолетници. „Истиот ден во полициска станица бил извршен службен разговор со две малолетнички во присуство на нивните родители. Известен е јавен обвинител за малолетници и Меѓуопштинскиот центар за социјална работа“, соопштија од МВР. Полицијата информира дека продолжува со утврдување на идентитетот и на другите инволвирани малолетници за целосно расчистување на случајот, по што ќе бидат поднесени кривични пријави за кривичните дела „насилство“ и „запуштање и малтретирање на малолетно лице“. Снимките од нападот, кои во текот на вчерашниот ден масовно се споделуваа на социјалните мрежи, предизвикаа бурни реакции во јавноста. На нив се гледа како девојче од седмо одделение е удирано, влечено за коса и понижувано од врснички, додека други малолетници го снимаат насилството без да интервенираат. Основното јавно обвинителство претходно соопшти дека го следи случајот и дека презема дејствија за утврдување на сите околности и идентитетот на инволвираните лица.
МГС
